ДОМ: Борбата со големите загадувачи дава резултати

ДОМ смета дека борбата со големите загадувања од Макстил и Југохром дава резултат, што се покажува и со цврстиот став на Министерството за животна средина и просторно планирање да не дозволи натамошно продолжување на работа без исполнување на еколошките стандарди, истакна на денешната прес-конференција партискиот портпарол Тони Ристов.

Според него, борбата против загадувањето мора да продолжи со серија итни мерки, бидејќи  маглата се спушти и станува опасно по дишењето. Ристов потсети на мерките што минатата година ДОМ ги предложи, а дел беа усвоени од Градот Скопје и Владата.

- Рестриктивно движење на возила кои не ги исполнуваат Еуро стандардите за квалитет на дизел или бензин горивата низ градот, односно формирање на зелена зона во центарот на градот, формирање дежурни екипи од инспектори за животна средина на национално и локално ниво, кои 24 часа ќе вршат контрола на правните и физичките лица кои го загадуваат воздухот, казнени мерки против оние субјекти кои за добивање топлина користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од мебел, ПЕТ амбалажа, гума и синтетички материјал, како и прилагодување на динамиката на градежните зафати кон временските прилики - заради намалување на прашината во воздухот, рече Ристов.

Партијата, посочи тој, бара и доследна примена на правилникот за методологијата за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, формирање на мрежа на Градски велосипедски сервис со цел изнајмување на велосипеди по симбилична цена, а Владата да одвои финансиски средства за субвенционирање на приватни и физички лица кои купуваат електромобили или хибридни возила. Град Скопје да донесе Програма за намалување на загадувањето на воздухот и унапредување на квалитетот на амбиенталниот воздух, редовна контрола и одржување на оџаците и други гасо-одводни канали, заради намалување на загадувањето на воздухот и поголема енергетска ефикасност, преку намалено трошење на гориво и негова поголема искористеност општините да почнат со реализација на Акционите планови за енергетска ефикасност, урбанистичко планирање што води сметка за розата на ветрови и проточноста на воздухот, како и зголемување на зелените површини во градот. 

17.10.2014 - 13:48


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега