Средба на министерката за култура Канеческа-Милевска со генералниот секретар на ЦЕИ Виетри

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со Џовани Карачиоло ди Виетри, генерален секретар на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ).

Република Македонија ќе го преземе едногодишното претседавање со ЦЕИ во јануари следната година,  што, според Канческа-Милевска, ќе ја реафирмира стратешката определба на државава за регионална соработка, како и континуираната политика за градење добрососедски односи.

Министерката за култура на средбата посочила дека нашата држава, која од јули 1993 година е членка на ЦЕИ, преку различни активности ја дава својата поддршка за организацијата која е посветена на подготовката на државите членки и на нивните институции за идното пристапување кон Европската Унија.

- На средбата, министерката за култура потсети дека еден од приоритетите на Министерството за култура е и регионалната соработка и во таа насока ја нагласи успешната соработка во регионалните проекти и инцијативи на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕ), УНЕСКО, Советот на Европа, Регионалниот Совет за соработка и други организации. На средбата стана збор и за можноста во текот на претседавањето, покрај останатите активности, да бидат организирани повеќе културни настани, меѓу кои и симпозиум посветен на конзервацијата на мозаици, а да се воспостави и соработка во областа на креативните индустрии, кои како приоритет се наведени и во Акциониот план на ЦЕИ за 2014-2016 година, соопшти Министерството за култура.

Министерката Канческа-Милевска изразила увереност дека во текот на претседавањето на Република Македонија со ЦЕИ ќе се реализира квалитетна програма, а Министерството за култура и националните установи кои се под негова надлежност и во иднина остануваат посветени на регионалната соработка и заедничката реализација на проекти финансирани преку фондовите за кофинансирање на ЦЕИ и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) е формирана во 1989 година,   од четири европски држави - Австрија, Италија, Југославија и Унгарија. Подоцна, кон ЦЕИ пристапуваат и други земји, а иницијативата денес брои 18 држави, од кои 9 полноправни членки на ЕУ и 9 држави со различен статус кон ЕУ (кандидатски и земји – аспиранти). Република Македонија е полноправна членка на ЦЕИ од јули 1993 година, а две години подоцна, од октомври 1995, во официјалните документи се користи името Република Македонија

17.10.2014 - 18:32


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега