МНР: Секоја земја и нејзиниот народ има неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучува за своето именување и идентитет
На изјавата на Павлопулос реагираше и македонското Министерство за надворешни работи.
Во реакцијата се вели:
Секоја земја и нејзиниот народ има неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучува за своето именување и идентитет. Провокација и неприфаќање на реалноста е кога одредени политичари не можат да се соочат со тој факт. Истото е во спротивност на општо прифатените меѓународни принципи и вредностите на европската интеграција. Република Македонија се залага за почитување на демократските начела и слободи за сите земји во нашиот регион во рамки на постојните граници и се спротивставува и го осудува секој облик на иредентизам. Република Македонија останува цврсто определена и посветена на градење на добрососедски односи и соработка и го очекува истото од своите соседи. Би ценеле претседателот Прокопис да ја посети Република Македонија и непосредно да се запознае со постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет, кои не претставуваат никаква опасност ниту закана за никого во регионот. Се додека има потешкотија да се разбере дека живееме во 21 век и дека споделуваме универзално прифатени вредности и човекови права кои подеднакво се однесуваат на секој човек, постои ризик да се остане заробен во минатото, велат од МНР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа